Се поголеми обвинувања за Бугарија поради насилно враќање мигранти од граница

  Бугарија се соочува со сe поголеми обвинувања дека ги злоупотребува луѓето кои се обидуваат да ја преминат нејзината граница со Турција, а барателите на азил велат дека биле насилно вратени назад, затворани, соблечени и тепани. Најсиромашната членка на ЕУ служи како порта кон блокот и се обидува да ги заостри граничните премини за да го спречи зголемениот број на луѓе кои се обидуваат да преминат, кој достигна ниво што не е забележано од 2015 година, пренесе Франс 24.

„Од почетокот на минатата година бевме сведоци на многу интензивно и брутално враќање на луѓето“, што е незаконска практика во ЕУ, изјави Дијана Димова, шеф на бугарската група за помош на бегалци „Мисија вингс“(Mission Wings).

Франс 24 пренесеува на својот сајт сведоштва на барателите на азил собрани од новинската агенција АФП и извештаи на европската гранична агенција Фронтекс укажуваат на употреба на брутални методи на југоисточната граница на балканската држава.

Граничната полиција спречила 164.000 обиди за „илегален премин“ во 2022 година, во споредба со 55.000 во 2021 година, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи. Зголемувањето на бројот во Бугарија веќе придонесува за блокадата на Австрија и Холандија на нејзиниот влез во Шенген зоната, а прашањето ќе биде високо на агендата на самитот на ЕУ во Брисел подоцна оваа недела.

Во обид да го спречат протокот на мигранти, бугарските власти ја засилија контролата долж 234 километри оградата од бодликава жица што ја покрива речиси целата граница со Турција.

Имаше пријави за злоупотреба. Еден 16-годишен Сириец, интервјуиран од АФП во пограничниот град, рече дека бил приведен откако преминал во Бугарија и бил задржан во „затворен камп со висока ограда“, кој тој го нарекол „затвор“.

Една вечер, заедно со другите приведени го однеле до оградата на границата со Турција.

„Таму не поделија на Арапи и Авганистанци и почнаа да не тепаат. Не тепаа со стапови“, рече мигрантот кој сакаше да остане анонимен, пренесува Франс 24. Тој додаде дека бил вратен назад преку граница во Турција.

Неколку европски медиуми објавија видео во декември, во соработка со организацијата Lighthouse Reports, на кое се прикажани група луѓе во импровизирана установа за притвор, барака налик на кафез, во јужниот пограничен град Средец.

Истиот истражен извештај го вклучуваше и сведочењето на еден млад Сириец кој рече дека бил застрелан во градите од бугарската гранична полиција. Бугарските власти ги отфрлија обвинувањата.

Еден човек кој веќе добил статус на заштита во Бугарија, Али Хусеини, изјави за АФП дека бил соблечен, ограбен и одведен во Турција минатата пролет додека одел кон границата за да го најде својот брат.

Авганистанецот (20) се сретнал со својот брат и уште две лица, но рече дека маскираната полиција „ги однела во шумата и ни ја зедоа облеката, вклучувајќи ги и моите пари, iPad и чевли… Потоа ја отворија оградата и не испратија кај другиот страна – кон Турција, еден по еден“.

Откако истиот ден се врати „бос“ преку границата, тој рече дека повторно бил фатен, „удиран“ и „тепан“ пред повторно насилно да биде вратен во Турција. Неговиот брат е депортиран од Турција во Авганистан.

Фронтекс спроведе 25 постапки за „пријавување сериозни инциденти“ поврзани со активности во Бугарија во 2021 и 2022 година.

„Враќањата се случуваат редовно во оперативната област и персоналот на Фронтекс намерно се држат настрана кога тоа ќе се случи“, напиша офицер во извештајот. Еден извештај го детализираше „понижувачкиот јазик и расистичкиот речник на бугарски граничари, како што е нарекувањето на мигрантите „талибани““, рече офицерот.

„Отсуството на веродостојно оперативно известување од страна на „бугарската гранична полиција“ може да сигнализира недостатоци во механизмот за известување или, уште позагрижувачки, постоење на премолчена политика на непријавување дејствија кои сериозно ги загрозуваат основните права на мигрантите“, заклучува Фронтекс.

Бугарија постојано ги негира обвинувањата за злоупотреба.

Софија побара од ЕУ две милијарди евра за зајакнување на граничната ограда и подобрување на надзорот, но Брисел досега го одби тоа барање.