Турција: Експлозијата во фабриката за ракети предизвикана од хемиска реакција

– Најмалку пет работници загинаа во експлозијата што се случи во фабриката за ракети и експлозив Машини и хемиска индустрија (МКЕ) во Елмадаг во Турција, соопшти турското Министерство за одбрана.

Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека е забележана експлозија во фабрика во округот Елмадаг во турската престолнина Анкара.

„Во фабриката за ракети и експлозиви МКЕ во округот Елмадаг во Анкара се случи експлозија. Во експлозијата загинаа пет работници“, се наведува во соопштението.

Се додава дека е поведена истрага за експлозијата.

Експлозијата се случи рано утринава во погонот за производство на динамит во фабриката за ракети и експлозиви (МКЕ).

Гувернерот Васип Шахин изјави за новинарите дека се верува оти експлозијата била предизвикана од хемиска реакција.

Министерот за одбрана Јашар Ѓулер детално го информира турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за експлозијата.

Ердоган изрази сочувство до семејствата на загинатите работници.