Адвокатот на осомничениот рече дека тој се противи на ваквата одлука на судот, тврдејќи дека на неговиот клиент итно треба да му се изврши психијатриско вештачење.
– Основниот суд во Пеќ, Одделот за тешки кривични дела, соопшти дека на осомничениот кој ја уби мајка си му одредил 30-дневен притвор, откако судот утврдил дека барањето на обвинителот е основано и оправдано со оглед на тоа што обвинетиот се гони во истрага за тешко кривично дело, за кое законот предвидува затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор, како и дека обвинетиот има дозвола за престој во странство, поради што постои висок ризик за бегство или дека тој на кој било начин ќе ги избегне органите на прогонот и со тоа ќе го оневозможи или во голема мера го отежнува спроведувањето на истрагата – се наведува во судското соопштение.
Против ова решение обвинетиот има право на жалба до Апелациониот суд.
– Ова што се случи денеска е стандардна постапка, обвинителството бара мерка притвор, а јас приговорив дека на мојот клиент мора итно да му се изврши психијатриско вештачење – рече тој.
Претходно, портпаролот на Основното обвинителство во Пеќ изјави дека ваков случај досега немало.
-Обвинителството и полицијата водат интензивна истрага за целосно расветлување на ова тешко кривично дело. На местото на злосторството, полицијата многу брзо реагирала и успеала да го лоцира осомничениот и да го приведе. Деталите од истрагата не можеме да ги откриеме во јавноста, се преземаат сите неопходни мерки за расветлување на случајот – рече Никчи.
Тој додаде дека телото на убиената е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина и се чека извештајот на судскиот лекар.
– Ваков случај досега не се случил. Тој е многу чувствителен и мораме да ги поштедиме членовите на семејството, за да не ги повредиме повторно – рече тој.
Жена за чие убиство се сомничи нејзиниот син денеска е погребана во Пеќ во присуство на поголем број граѓани.