Повеќе од 200 граѓани на Србија утрово на социјалната мрежа Тик Ток го следеле скандалозниот пренос во живо на породување од болницата ГАК „Народни фронт“ во Белград.
Видео-снимката ја објавила медицинска сестра на таа институција, која, според српските медиуми, веќе е суспендирана по забрзана постапка, пишуваат српските медиуми.
„Згрозен сум од човечката глупост и грубост. Утрово во 04:30 часот, користејќи ја социјалната мрежа Тик Ток, наидов на пренос во живо од профилот со име ‘instrumentarkajellenanf‘. Пораѓањето во живо го следеа повеќе од 200 луѓе. Дали е можно како општество повеќе да немаме свест што е правилно, а што не ? Дали е можно некој да мисли дека треба да се снима нешто толку интимно како породувањето ? Тик Ток профилот, како и сите доктори присутни на породувањето кои знаеја дека се емитува во живо, заслужуваат кривично, а секако и граѓанска одговорност“, напишал граѓанин кој го сподели скандалозното видео со медиумите во Србија.
Снимањето и објавувањето на породувањето е строго забрането со Законот за здравствена заштита во соседната држава.
Раководството на ГАК „Народни фронт“ наведува дека е згрозено и најостро ги осудува постапките на медицинската сестра.
Веб-порталот Nova.rs пишува дека медицинската сестра со денови им најавувала на своите следбеници на Тик Ток дека ќе имаат можност да гледаат директен пренос од породувањето, а многу следбеници биле заинтересирани за ова.
Меѓу нив имало и едно лице кое логично прашало дали има дозвола да снима бидејќи „снимањето во болница е строго забрането“. Лицето не добило никаков одговор од дрската медицинска сестра која го направи овој скандалозен чин.