Димитриевски и Вучевиќ го одбележаа Свети Сава во Умин Дол

 Во рамки на одбележувањето на Денот на Свети Сава, националниот празник на Србите кои живеат во земјава, денеска во ООУ „Карпош“ во селото Умин Дол, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски беше домаќин на високи државни претставници од Србија, предводени од потпретседателот на Владата и министер за одбрана Милош Вучевиќ и српската амбасадорка Невена Јовановиќ, информира Кабинетот на Димитриевски.

– Учениците заедно со своите наставници приредија пригодна културно-уметничка програма во духот на православниот просветител и закрилник на српскиот народ, Свети Сава, пред гостите од соседна Србија. На задоволство на учениците и нивните наставници, гостите присуствуваа на наставен час, каде низ дружење и разговор, се запознаа со начинот на изведување на наставата на српски јазик и условите во училиштето, што беше целосно реконструирано, се наведува во соопштението.