Карлос Алкараз по триумфот на Вимблдон стана главна мета на водечките светски медиуми.
Сите се тркаат да добијат ексклузивна информација од младиот Шпанец кој по четири часа и 43 минути во финалето на 136. Вимблдон го совлада Новак Ѓоковиќ со 3:2.
Така Алкараз во разговор за шпански „Радио Естадио“ откри една од тајните на своите моќи.
Познато е дека дневната дремка од 20 до 30 минути има голема моќ за регенерација. Карлитос тоа го прави цело време, точно два часа пред натпреварот. Призна дека тоа го направил и пред финалето со Ѓоковиќ.
– И тогаш дремнав малку. Вистината е. Дури и да го играте најважниот натпревар во вашиот живот, мора да се почитуваат рутините – изјави Алкараз.
Алкараз минатата година по освојувањето на Мастерсот во Мајами откри дека во својата рутина вклучил 20-минутна дремка.
Таа година Хуанхо Лопез, личен лекар на шпанскиот тенисер, инсистираше тој да ги има овие рехабилитациони дремки.
– Дремките се околу 20 и 30 минути и Карлитос ги има два часа пред мечот. Ова ја зголемува концентрацијата и ги подобрува физичките и интелектуалните перформанси на играчите – откри докторот на Алкараз.
Интересно е што оваа дремка ја користи и Кристијано Роналдо. Дреми по 20 до 30 минути неколку пати на ден, а резултатите се очигледни и во двата случаи на големи спортисти.