Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, денеск изјави дека јадрото на групата Вагнер ќе остане во Белорусија, по наводната смрт на лидерот на оваа приватна Армија – Евгениј Пригожин.
„Падот на авионот на Евгениј Пригожин е резултат на груба, непрофесионална работа што не е поддржана од раководството на Руската Федерација“, изјави претседателот на Белорусија.
Александар Лукашенко истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е претпазлива и многу мирна личност.
„Затоа не можам да замислам дека Владимир Путин го направил тоа, дека Владимир Путин е виновен“, вели Александар Лукашенко, додавајќи дека Евгениј Пригожин никогаш не барал од него безбедносни гаранции.
„Не морам да ја гарантирам безбедноста на Евгениј Пригожин. Тоа е првото. Второ, разговорот никогаш не бил воден во таа насока“, тврди Александар Лукашенко, цитиран од медиумската агенција Belta.
Претседателот на Белорусија додаде дека со Евгениј Пригожин разговарал за безбедноста само два пати – првиот пат за време на бунтот на Вагнер и т.н. „марш кон Москва“, а вториот пат кога лидерот на приватната група дошол во Белорусија со Димитриј Уткин.
„Категорично ги предупредив и двајцата: Момци, внимавајте!“, нагласува Александар Лукашенко.
Александар Лукашенко зборуваше и за проширувањето на БРИКС, нагласувајќи дека тоа може да значи крај на хегемонијата на Западот.
„Мислам дека западната хегемонија се уште не е завршена. Но, зголемувањето на бројот на членовите на БРИКС е силен чекор во таа насока. И не само локалните медиуми, туку и политичарите на високо ниво се напнати“, вели Александар Лукашенко.
Тој зборуваше и за планираните вежби на ОДКБ, кои ќе се одржат во Белорусија на почетокот на септември.
„Ќе речат на Запад, еве Владимир Путин и Александар Лукашенко повторно планираат нешто во Белорусија и можеби подготвуваат напад на несреќна Полска. Ниедно од овие тврдења не е точно. Работиме на заеднички прашања, кои се планирани долго време. Затоа, ниту вие, ниту тие не треба да се грижите за тоа“, рекол белорускиот претседател.