НОВА ДРАМА ВО СРБИЈА – Голема паника во Белград: Во повеќе од 100 училишта биле пријавени дојави за бомби!

Во средата наутро повеќе од 100 белградски училишта добија дојави за наводно поставени бомби, кои по неодамнешното масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ предизвикаа нова загриженост во српската јавност. Српската полиција врши увид во училиштата, а утринската настава била прекината.

Испратени се пријави во училиштата во приградските населби Котеж, Грочка, Ресник, како и во Нов Белград, Земун, Баново Брдо, но и во центарот на градот, каде се собрале неколку родителите на учениците од училиштето „Дринка Павловиќ“ со порака да не ги носат децата на училиште, објавија белградските медиуми.

Третата белградска гимназија, едно од учикиштата кое добило дојава за бомба, соопшти дека утринската смена ќе се организира он-лајн, а попладневната смена „согласно ситуацијата“.

Министерството за внатрешни работи на Србија за соседните медиуми потврдило дека – „дојави за бомби биле испратени во неколку училишта на територијата на Белград“.

Во тек е проверката што ја вршат припадници на антидиверзантските тимови на МВР на Србија“, соопштило Министерството за внатрешни работи на Србија.

Министерството за образование на Србија соопштило дека пријавите се испратени на е-маил адресите на 78 основни и 37 средни училишта во белградските општини.

Како што објавија српските медиуми, поради безбедност на учениците и вработените, наставата во прва смена е прекината до завршување на полицискиот увид, додека некои училишта веќе се проверени и во нив наставата се одвива без проблеми.

Извештаите за поставени бомби доаѓаат две недели откако 13-годишниот ученик Коста К. уби осум соученици и чувар со пиштолот на неговиот татко во основно училиште во Белград на 3. мај, а рани уште шестмина деца и една наставничка. Подоцна едно од ранетите девојки почина на 15. мај.

Еден ден подоцна, во три села кај Младеновац, 21-годишен маж со автоматско оружје и пиштол уби осум, главно помлади лица, а повреди 14. Двајцата сторители се уапсени, убиецот од Младеновац го признал делото, а 13-годишниот ученик не може да биде кривично обвинет со закон. Уапсени се и татковците на двајцата убијци и им е одреден притвор.

Во Србија од 8. мај во тек е операција за предавање на нелегално оружје, без доказ за потеклото и без кривична одговорност, а до вторник навечер приближно 20.000 парчиња различно оружје, како и околу милион парчиња муниција од различен калибар и мини-експлозивни направи, биле предадени.

Акцијата на покана на МВР на Србија трае до 8. јуни, по што, како што најавија од државниот врв, ќе се претресуваат куќи и станови, а ќе следуваат и тешки парични и затворски казни.

БелградбомбиСрбијаучичиште