Израелските одбранбени сили (ИДФ) го користат четиридневното примирје со палестинското милитантно движење Хамас за да ја подготват следната фаза од нивната операција во Појасот Газа , изјави портпаролот на ИД, Даниел Хагари.
– Во текот на денот на примирјето, ИД ќе ја заврши подготовката за следните фази од војната – рече Хагари на редовниот брифинг со новинарите.
По вчерашното ослободување на 13 израелски и 11 странски заложници, тој изјавил дека на сите им била извршена медицинска евалуација и дека нивните животи не се во опасност, пренесува Jerusalem Post.
Хагари додаде дека враќањето на заложниците е „морална должност“ на Израел и дека „не смееме да заборавиме дека секој од нив сè уште има член на семејството или роднина кој е убиен или е во заробеништво во Газа“.
Во врска со договорот за прекин на огнот со Хамас и дополнителните заложници што се очекува да се вратат во наредните денови, Хагари рече дека ова е само почеток.
– Ние сме на почеток на процесот и се подготвуваме да продолжиме со спроведувањето на договорениот план за враќање на заложниците – изјави портпаролот на ИД.