Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на втората сесија на Балканската лидерска конференција на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“, организирана од Клубот на Подгорица, со фокус на перспективите за мир и помирување во Западен Балкан.
Таа се фокусираше на важноста на европската интеграција за земјите од регионот, нивниот просперитет и процесот на помирување, нагласувајќи дека интеграцијата е процес кој не обединува и ни овозможува да развиваме блиска соработка. Петровска го поврза процесот на евроинтеграции и помирување, бидејќи во основа Европската унија е пример за помирување.
„Европската унија е пример за помирување. Поранешните непријатели во 1958 година го потпишаа договорот во Рим и всушност со потпишувањето на тие потписи го потпишаа основањето на Европската унија. Помирувањето не може да се случи преку ноќ. И тоа не може да се случи за една година или една генерација. Мора да помине време во кое ќе се посветиме на помирување, преку различни форми на соживот и заедничка соработка“, рече министерот, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Прашањето за евроинтеграциите е и безбедносно прашање, нагласи министерот за одбрана и нагласи дека доколку нема процес на обединување, злонамерните и непријателски влијанија на трети земји може да станат повидливи.
Таа додаде дека земјите од Западен Балкан имаат перспектива и дека сите ние треба да инсистираме да бидеме дел од Европската Унија.
За Македонија, нагласи Петровска, 2018 година не беше лесна година, општеството и граѓаните мора да ја прифатат промената на уставното име, а тоа се тешки одлуки што некои политички лидери мора да ги донесат. Овие одлуки, додаде, се болни, но по неколку години се гледа нивната важност и праведност.
Во дискусијата на вториот панел, покрај министерот, говори имаа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, поранешниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Мејдани, поранешниот претседател на Косово, Фатмир Сејдиу, поранешниот премиер на Србија Мирко Цветковиќ и првиот човек на Институтот за европска и безбедносна политика, Вернер Фаслабенд.