Петровска: Евроинтеграциите се прашање на безбедност, да не дозволиме влијанието на трети страни да не оттргне од патот кон ЕУ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на втората сесија на Балканската лидерска конференција на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“, организирана од Клубот на Подгорица, со фокус на перспективите за мир и помирување во Западен Балкан.

Таа се фокусираше на важноста на европската интеграција за земјите од регионот, нивниот просперитет и процесот на помирување, нагласувајќи дека интеграцијата е процес кој не обединува и ни овозможува да развиваме блиска соработка. Петровска го поврза процесот на евроинтеграции и помирување, бидејќи во основа Европската унија е пример за помирување.

„Европската унија е пример за помирување. Поранешните непријатели во 1958 година го потпишаа договорот во Рим и всушност со потпишувањето на тие потписи го потпишаа основањето на Европската унија. Помирувањето не може да се случи преку ноќ. И тоа не може да се случи за една година или една генерација. Мора да помине време во кое ќе се посветиме на помирување, преку различни форми на соживот и заедничка соработка“, рече министерот, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Прашањето за евроинтеграциите е и безбедносно прашање, нагласи министерот за одбрана и нагласи дека доколку нема процес на обединување, злонамерните и непријателски влијанија на трети земји може да станат повидливи.

Таа додаде дека земјите од Западен Балкан имаат перспектива и дека сите ние треба да инсистираме да бидеме дел од Европската Унија.

За Македонија, нагласи Петровска, 2018 година не беше лесна година, општеството и граѓаните мора да ја прифатат промената на уставното име, а тоа се тешки одлуки што некои политички лидери мора да ги донесат. Овие одлуки, додаде, се болни, но по неколку години се гледа нивната важност и праведност.

Во дискусијата на вториот панел, покрај министерот, говори имаа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, поранешниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Мејдани, поранешниот претседател на Косово, Фатмир Сејдиу, поранешниот премиер на Србија Мирко Цветковиќ и првиот човек на Институтот за европска и безбедносна политика, Вернер Фаслабенд.