„Не очекувавме дека тоа ќе се случи, но кога Алејна излезе, тоа беше чудо за нас. Доживеавме и радост и тага во исто време“, истакна нејзината тетка Думан
Седумнаесетгодишната Алејна Олмез која беше спасена од под урнатините по поминати 248 часа по разорните земјотреси што ги погодија јужна Туркије и Сирија сведочи за нејзината борба за живот. Таа беше спасена од под урнатините во населбата Кајабаси во Кахраманмараш.
„Се борев, не сакав да се откажам. Сите ми даваа голема поддршка и ми помагаа. Ви благодарам многу за сѐ“, нагласи Алејна.
Нејзината тетка Ѓулер Думан рече дека е среќна што Алејна била спасена од под урнатините.
„Не очекувавме дека тоа ќе се случи, но кога Алејна излезе, тоа беше чудо за нас. Доживеавме и радост и тага во исто време“, истакна Думан, која им се заблагодари на сите, особено на лекарите кои се грижеа за Алејна.
Откако Алејна беше извлечена од урнатините, д-р Џенгиз Дилбер рече дека е неверојатно што таа е во толку добра здравствена состојба со оглед на тоа што била под урнатините 248 часа.
„Бевме изненадени што нејзините телесни функции се добри и што функцијата на бубрезите не ѝ беше влошена. Тоа е неверојатна работа. Нејзиното здравје е многу добро. Се разбира, има и трауми“, изјави тогаш Дилбер.
Посета од претседателот и првата дама на Туркије
Олмез моментално се наоѓа на лекување во болница во Анкара, а вчера беше посетена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине.
Таа е среќна поради посетата на претседателот и првата дама на Туркије.
„Нашиот претседател дојде во посета, се чувствував добро, се чувствувам горда. Убаво е чувството да се има толкава поддршка“, рече Олмез.
ТРТ БАЛКАН