Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за нови 30 дена на В. К., татко на 13-годишниот К. К. кој на почетокот на мај уби девет ученици и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, соопштено е денеска.
Во образложението на судот се наведува дека мерката притвор му е продолжена „поради постоење на посебни околности кои укажуваат дека во случај да биде пуштен на слобода во краток рок ќе го повтори кривичното дело како и со оглед дека постои основано сомневање дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна од над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемирување на јавноста што се заканува за непречено и правично водење на кривичната постапка“.
В. К. е обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи една година пред масовното убиство во ОУ „Владислав; Рибникар“ го обучувал својот син да ракува со огнено и воздушно оружје.
„Против решението за продолжување на притворот, дозволена е жалба до Апелациониот суд во Белград, во рок од три дена од приемот на решението“, соопшти Вишиот суд.