Според неофицијални информации на хрватските медиуми, резултатите од истрагата на ХЗЗЗ се целосни и утврдени се одредени неправилности во 16 изземени шишиња.
Официјални резултати се очекуваат во текот на денот. За скандалот со труење со пијалок утрово зборуваше и министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош.
„Има четири нови случаи, еден е во болницата во Виноградска на опсервација, се мисли дека е повреден од хемиски елементи, еден е во Вараждин, додека двајца се во КБЦ Загреб. За среќа, сите нови случаи регистрирани досега имаат поблаги симптоми а најголемиот дел од пациентите ќе бидат отпуштени на домашно лекување“, порача Вили Берош.
Скандалот со затруени пијалоци ја потресе Хрватска. Од понеделникот на Интернет се шират вознемирувачки пораки, а само ден подоцна институциите излегоа со официјална информација. Во саботата во болницата во Риека било примено едно лице со повреди на хранопроводникот, а нови случаи биле пријавени вчера попладне и во текот на вечерта.
Како што објавија хрватските медиуми, млад човек (19 г.) испил голтка минерална вода и почнал да повраќа крв. Полицијата синоќа била кај Ребро, но и кај ПМФ каде ученик наводно испил сомнителен пијалок од автомат. Институциите се на нозе.
„Тие не го пиеја истиот пијалок. Некои консумирале солени стапчиња. Мора се да провереме, а не да ја плашиме јавноста. Кога ќе се воспостави одредена врска, јавноста ќе биде информирана, а дотогаш има препорака да се пие вода само од чешма“, изјави Вили Берош за последните случаи денеска.
Министерот вели и дека надлежните институции испитуваат дали има организираност и поврзаност со пораките кои се проширија на социјалните мрежи. Тој тврди дека сега е докажано дека биле пуштени токму со цел да се создаде паника, а во Риека се зборувало за неколку случаи, а до денес се работи само за еден.
„Таа информација беше лажна и фалсификувана, институциите истражуваат кој и зошто ги објави фалсификуваните изјави во јавноста“, заклучи Вили Берош.