Слободна Далмација јавува дека во автобусот кој паднал од надвозникот недалеку од Венеција имало двајца хрватски државјани.
Како што неофицијално дознаваат, се работи за млад брачен пар на околу 20-тина години, кој се венчал пред 20-ина дена, а заминале на свадбено патување во Италија.
Според достапните, но неофицијални информации, младиот човек бил опериран и се наоѓа во една од блиските болници, додека се уште нема информации за неговата сопруга по несреќата.
Кобната вечер автобусот се враќал од центарот на Венеција и превезувал туристи во кампот Маргери, меѓу кои имало Украинци, Французи, Германци и двајца Хрвати. Повредените се пренесени во пет регионални болници, а четворица се во тешка состојба и се уште се на одделението за интензивна нега. -Тука има 19 мртви, двајца починаа во болница, така што вкупно 21 лице почина. Некои од повредените се добро, некои се критични во Падова, некои се изгорени. Четири деца загинаа – изјави Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција.
Анса извести дека во несреќата животот го загубиле новороденче неколкумесечно, 12-годишно момче и уште едно малолетно девојче.
Меѓу 15-те повредени, досега се идентификувани 11, четворица Украинци, двајца шпански државјани, двајца Австријци и по еден Германец, Французин и Хрват.