Бразилската суперѕвезда Нејмар заработи тешка повреда на натпреварот против Уругвај во квалификациите за Светското првенство.
За жал, неговиот клуб Ал Хилал синоќа соопшти дека Бразилецот ги скинал предните вкрстени лигаменти, а притоа го повредил и менискусот на коленото.
Синоќа преку социјалните мрежи се огласи Нејмар и истакна дека ова е најлошиот момент во неговата кариера.
„Ова е многу тажен момент, најлошиот момент во мојата кариера. Знам дека сум силен, но овој пат ќе ми треба уште поголема поддршка од семејството и пријателите. Не е лесно да се преживее повреда и операција. Замислете, за четири месеци, повторно да се соочите со сето тоа. Верувам, ова е премногу… Но, ја ставам мојата сила во рацете на Господа, за да ја вратам мојата. Ви благодарам за пораките за поддршка и љубов“, напиша славниот Бразилец во објава на социјалната мрежа Инстаграм.
На Инстаграм се огласи и Лионел Меси кој испрати порака за поддршка на својот поранешен соиграч.
„Ти посакувам многу сила“, напиша Лионел Меси приложувајќи заедничка фотографија со Бразилецот.