– Да се почитуваат европските вредности за правата на македонското малцинство во соседните земји, е пораката што е упатена од денешниот семакедонски собир во Прилеп по повод чествувањето на 151 година од раѓањето на македонскиот великан „Гоце Делчев“.
Ова е традиционално чествување веќе 20 години на граѓанското здружение од Прилеп „Нè има“.
На тематската расправа за европското и националното право на Македонците во соседните земји присуствуваа претставници на Македонците од Албанија, од Грција, од земјава и со видеоповик од Бугарија и Грција. Од здружението објаснија дека сите не можеле да присуствуваат поради проблем со границите.
Илија Богатиноски, в.д претседател на граѓанското здружение „Нè има“ вели дека малцинските права секаде се исти за секого. Секоја година се упатуваат декларации, а годинава е апел и барање до Европа за примена на еднакви вредности за малцинските човекови права, насекаде и за секого.
– Европските права на малцинствата постојат веќе 30, 50 години. Ние не бараме ништо ново, туку сакаме тие европски права да важат и за Македонците по род во соседните земји. Да не биде дека правата важат само за некои европски земји. Имаме декларации од Европскиот суд за човекови права, имаме пресуди од Стразбур, меѓутоа, сето тоа е ирелевантно за членка на ЕУ. Се надеваме дека со овие обраќања, со овие собирања ќе постигнеме малку да се подигне свеста, не кај Македонците тие ги знаат и си ги бараат правата, но да го свртиме вниманието на Европа дека европските права се и за нас, изјави Богатиноски.
Васил Стерјоски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција во Албанија вели дека последните години состојбата е подобрена, но има уште да се работи за правата на Македонците во сите делови од државата. Во последно време голем предизвик за Македонците во Албанија е агресивната бугарска пропаганда.
– Подобрена е ситуацијата во општина Пустец, во Мала Преспа, но треба уште многу работи да се направат во делот на Гора и на Голо Брдо. Последните години еден од најголемите предизвици со кој се соочуваат Македонците во Албанија е агресивната бугарска пропаганда која цели на негација на македонската нација. Сепак, треба да биде поактивна македонската дипломатија и на терен и меѓу Македонците во Албанија, да не остават празен простор, зашто тој простор го пополнуваат Бугарите. Ние нормално, во рамките на албанската држава си ги бараме правата, таму сме лојални граѓани, но добредојдена е поддршката, зашто не може да се бориме со бугарската пропаганда, изјави Стерјоски.
Ангел Митревски, претседател на здружението на Македонците „Стоби“ во Хрватска е задоволен на остварените малцински права на Македонците. Внесени се во хрватскиот Устав.
– Во Хрватска Македонците како малцинство се во Уставот. Имаме финансиска поддршка за нашите културни активности. Нема никаков проблем. А кога е во прашање менувањето на македонскиот Устав, ако се примени примерот во Хрватска, тогаш се согласувам кај нас да се направи тоа. Но треба да се помират закараните страни за да се постигне мнозинство, а во Уставот да стои дека Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други националности. Да не биде Хрватска да побара реципроцитет, па тогаш ќе биде проблематично, рече Митревски во видео повикот на собирот.
Најтешко им е на Македонците во Бугарија. Кирил Тилев, претседател на „ОМО Илинден“ вели дека Македонците немаат никакви права и бараат поддршка од Татковината, зашто нема кој да ги заштити. Единствено на нивна страна е Европскиот суд за човекови права од Стразбур, но ништо не се спроведува.
– Повеќе од 30 години се бориме за нашите малцински права во Бугарија, но ништо нема. Едноставно на нашите барања не се реагира или последно ни велат – ја следиме ситуацијата, ќе бидете известени. Единствено имаме пресуди од Европскиот суд за човекови права од Стразбур, но ништо не се применува во Бугарија. Јас се чувствувам репресиран со години, вели Тилев во видео повикот на собирот во Прилеп.