Американските сили во саботата онеспособија комерцијален товарен брод во Оманскиот Залив, чиј екипаж, според Централната команда на САД (CENTCOM), ги игнорирал повторените предупредувања и се обидел да ја пробие поморската блокада на Иран.
Според соопштението од ЦЕНТКОМ, станува збор за бродот „М/В Оушн Молика“, познат и како „Арика Сан“, кој плови под знамето на Панама. Американски борбен авион го погодил крмата на бродот со прецизна муниција и го онеспособил неговиот погонски систем, а екипажот не бил повреден.
Бродот, според американската војска, се обидувал да помине низ водите на регионот откако претходно испловил од иранско пристаниште.
ЦЕНТКОМ ја обнови блокадата на сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа на 14 јули. За три месеци, соопшти ЦЕНТКОМ, четири комерцијални бродови биле онеспособени, а 135 бродови биле вратени. Во истиот период, американските сили уништиле и десет танкери поврзани со мрежата на Иранската револуционерна гарда за избегнување на санкции.
„На сите морнари им се препорачува да ги следат предупредувањата на ЦЕНТКОМ за блокада“, се вели во соопштението. Екипажите беа советувани да ги следат известувањата на морнарите и да се пријават на американските поморски сили на радио канал 16 кога пловат низ Оманскиот Залив и се приближуваат кон Ормутскиот Проток.
Ова не е прв пат американската војска да запира бродови со сила. Во мај, борбен авион Ф/А-18 од носачот на авиони УСС Абрахам Линколн со топовски оган го онеспособи кормилото на иранскиот танкер Хасна, кој се обиде да влезе во иранско пристаниште.
