Американски државјанин кој се заразил со вирусот ебола во Демократска Република Конго (ДРК), каде што инфекцијата одзеде повеќе од 130 животи, се лекува во Германија и е во стабилна состојба, објавија американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC).
„Уште шест американски државјани со висок ризик ќе бидат транспортирани од ДР Конго во Германија и Чешка“, изјави д-р Сатиш Пилаи, координатор за ебола во ЦДЦ , пренесува Ројтерс.
Пациентот што се лекува во Германија претходно беше идентификуван како Питер Стафорд, медицински мисионер кој се заразил со ебола додека лекувал пациенти.
Повикувајќи се на сведоштва од пет лица запознаени со одговорот на САД на еболата, „Вашингтон пост“ објави дека Белата куќа одбила да му дозволи на Стафорд да се врати во САД.
Сепак, на сопругата и децата на друг мисионер од истата група им беше дозволено да се вратат во САД откако експертите на ЦДЦ извршија две медицински проценки на семејството, според „Вашингтон пост“.

Д-р Пилај не одговори на повтореното прашање – дали САД им забрануваат влез на граѓани кои се заразени или биле изложени на вирусот ебола.
Тој рече дека ЦДЦ го распоредила својот персонал во ДРК, како и во соседна Уганда, без да прецизира колкумина.
„Тие не се распоредуваат во областа на епидемијата бидејќи е премногу нестабилна“, рече Пилај, додавајќи дека во моментов нема одобрени медицински контрамерки за овој сој на ебола, но постои „активна дискусија за испраќање на некои производи со моноклонални антитела“.
