Децата кои биле помали од очекуваното при раѓање имаат полоши резултати по некои училишни предмети, особено математика и читање.
Разликата се забележува и на возраст од 14 и 15 години, според голема студија предводена од истражувачи од Британскиот универзитет во Ворвик и Норвешкиот институт за јавно здравје.
Помало од очекуваното е бебе кое е полесно од повеќето бебиња од ист пол родени во истата недела од бременоста. Сите деца во студијата се родени во термин, помеѓу 37 и 41 недела од бременоста.
Истражувачите следеле 92.551 деца од големата норвешка студија за мајки, татковци и деца (MoBa). Развојот на говорот и моторните вештини бил следен на возраст од шест месеци, 18 месеци, три и пет години. Тие, исто така, ги анализирале резултатите од државните тестови по математика, читање и англиски јазик што децата ги полагале на 10–11, 13–14 и 14–15 години. Тие ги поврзале податоците од студијата со норвешкиот регистар на родени и евиденцијата за образование.
Истражувачите, исто така, ја разгледале и неделата од терминот во која се родени децата. Бебињата родени во 37 или 38 недели имале малку помалку развиен говор и движење во раното детство отколку бебињата родени помеѓу 39 и 41 недела. До моментот кога ќе тргнат на училиште, овие разлики речиси исчезнале.
„Бевме изненадени од разликата помеѓу двата шаблони. Разликите поврзани со малку порано породување во термин во голема мера исчезнаа до петгодишна возраст, додека оние поврзани со помала од очекуваната големина сè уште беа видливи во училишниот успех на 14 и 15 години“, рече Сјуан Жао од Одделот за психологија на Универзитетот во Ворвик, коавтор на студијата.
Професорката Сиобан Квенби, од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Оксфорд, изјави дека студијата е важна и за родителите. Таа рече дека сега е познато дека раѓањето неколку недели порано нема долгорочни последици ако бебето е со нормална големина или поголемо за неговата фаза од бременоста.
Авторите нагласуваат дека пронашле поврзаност, а не причина, и дека не секое дете родено помало од очекуваното ќе има тешкотии.
„Сепак, студијата покажува колку е важно да се следи растот на бебето и да се осигура дека децата добиваат вистинска поддршка додека растат“, рече Квенби.
Професорот по развојна психологија, Дитер Волке, верува дека помалата големина на бебето родено во термин може да укажува на негативни ефекти врз мозокот што влијаат на учењето и во адолесценцијата. Тој додава дека овие долгорочни последици можат да се ублажат со вклучување на родителите, стимулативна средина дома и поддршка во училиштето.
Студијата е објавена во Американскиот журнал за акушерство и гинекологија.
