Италијанската полиција идентификуваше 197 лица поради насилството на протестите против високите цени, кои во саботата прераснаа во насилни судири во неколку градови, а 28 од нив беа уапсени, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Меѓу уапсените се 12 малолетници и шест странски државјани, а според АНСА, меѓу нив може да има и мигранти. Пријавени се 43 лица, а повредени се 141 припадник на безбедносните сили.

Протестите беа организирани од движењето „Italia in piazza“ („Италија на плоштадот“) и беа насочени против зголемувањето на трошоците за живот, цените на горивата и даноците.
Најтешко беше во Милано. Стотици млади луѓе облечени во црно го опколија плоштадот Дуомо и ја принудија полицијата да се повлече со петарди, огради и шишиња. Таму беа приведени околу 50 лица, од кои речиси половина се малолетници. Конфликти имаше и во Торино и Болоња.

Италијанскиот премиер Џорџија Мелони изјави дека владата е со полицијата. Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека насилството го извршиле „професионалци за немири“ и најави дека дури ни малолетниците нема да останат неказнети.

Лидерката на опозициската Демократска партија, Ели Шлајн, ги осуди насилниците. Сепак, таа рече дека тие не треба да се користат за замолчување на илјадници луѓе кои мирно протестираат затоа што повеќе не можат да живеат од своите приходи.
