Бројот на жртви од двата разорни земјотреси што ја погодија Венецуела на 24 јуни се искачи на 3.811, додека 16.740 лица се повредени, а 17.907 останаа без покрив над главата, изјави денес претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, повторно повика на укинување на меѓународните санкции и ослободување на замрзнатите државни средства во странство за да се забрза обновата на областите погодени од земјотресот, објави Ројтерс.
„Венецуела блокираше ресурси низ целиот свет што би можеле да се користат за процесот на реконструкција“, изјави Родригез за државната телевизија VTV, истакнувајќи дека средствата се потребни и за програми за вработување и образование.
САД, Европската Унија и други земји воведоа низа санкции врз Венецуела во текот на изминатите две децении поради обвинувања за поткопување на демократските процеси и врски со трговијата со дрога, додека повеќето од тие мерки остануваат на сила.
По земјотресот, Вашингтон привремено одобри, за период од четири месеци, одредени трансакции поврзани со помош и обнова по катастрофи, кои инаку би биле предмет на санкции.
Родригез изјави дека испратила писмо до британскиот крал Чарлс со барање за ослободување на венецуелското злато кое се наоѓа во трезорите на Банката на Англија и дека разговарала со челниците на Меѓународниот монетарен фонд за деблокирање на финансиските ресурси.
Со години, Банката на Англија одбиваше да ослободи околу 31 тон венецуелско злато што се наоѓа во нејзините трезори, а прашањето за располагање со овие средства е предмет на долготраен правен спор пред британските судови, истакнува Ројтерс.
