Силната бура предизвика хаос во Њујорк и Лонг Ајленд, каде што две ретки торнада дојдоа од океанот.
Две ретки торнада ги погодија Њујорк и Лонг Ајленд во четвртокот додека силна бура зафати делови од средноатлантскиот регион на Соединетите Американски Држави и предизвика големи проблеми во сообраќајот на некои важни автопати.
„Две водни пијавици, или колони од воздух и влага што ротираат над водата, се појавија по должината на јужниот брег на Квинс, Њујорк и округот Насау, Лонг Ајленд, пред да стигнат до копното и да се претворат во торнада“, рече Џон Мареј, метеоролог од Националната метеоролошка служба.
Торнадо во Квинс го погоди источниот дел од Рокавејс, јужно од меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“, соопшти Националната метеоролошка служба.
Оштетени се околу 50 кабини
Торнадо од Лонг Ајленд го погоди одморалиштето „Сан енд Сурф Бич Клаб“ во Атлантик Бич, округ Насау, оштетувајќи кабини и други објекти. Поради последиците од бурата, комплексот е привремено затворен, објавија претставниците на одморалиштето на социјалните мрежи.
– Торнадото оштети околу 50 кабини и однесе делови од покриви и ѕидови. Едно лице претрпе полесни повреди на главата, изјави Џосаја Грин, началник на противпожарната служба во Инвуд, округ Насау.
Исто така, имаше извештаи дека некои луѓе биле заробени во своите возила поради поплавите, но немало сериозни повреди.
„Имаше извештаи за луѓе заглавени во возила поради поплави, но никој не е сериозно повреден“, објави извршниот директор на округот Насау, Брус Блејкман, на социјалните мрежи.
„Беше апсолутно надреално“
Алеја Сковил (32) изјави дека околу 18:45 часот по локално време, добила предупредување на мобилниот телефон за опасност од торнадо. Само неколку минути подоцна, погледнала низ прозорецот од својот стан во Квинс и видела голема ротирачка колона над океанот, која навидум се движела кон Атлантик Бич.
„Кога вртлогот се упати кон копното, големи парчиња остатоци полетаа во воздухот од она што изгледаше како клуб на плажа“, рече таа.
Кратко потоа, торнадото почна да ослабува и да се враќа кон океанот.
– Наскоро, возилата на службите за итни случаи и спасување почнаа да пристигнуваат кон областа каде што торнадото стигна до копното, а екипите останаа таму неколку часа. Гледањето торнадо во живо беше нешто што никогаш не го очекував, а гледањето како се движи од водата кон брегот беше сосема надреално, рече Сковил.
Торнадата се ретки во Њујорк
Мареј објасни дека торнадата се „ретка појава“ во Њујорк и Лонг Ајленд, иако нивната сила и времетраење обично се значително помали од торнадата што го погодуваат централниот дел од САД.
Атлантскиот океан ги ублажува температурите на воздухот и морето во ова подрачје, што ја намалува можноста за силна атмосферска нестабилност неопходна за формирање на торнада, објасни метеорологот.
Торнадо го погоди Делавер
Торнадото вчера го погоди подрачјето во близина на Довер во американската држава Делавер, објави Националната метеоролошка служба.
Властите на Довер, главниот град на оваа федерална држава, прогласија вонредна состојба и ги повикаа жителите да останат во своите домови.
Бурата предизвика прекини во електричната енергија и собори дрвја, но нема извештаи за сериозни повреди, според полицијата во Довер.
Поплавени автопати
Бурата предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во Њујорк.
Властите привремено го затворија автопатот Бруклин-Квинс поради поплави, додека автопатот Лонг Ајленд во близина на булеварот Франсис Луис во Квинс беше затворен во двата правци.
Доцнења и застои беа пријавени и во сообраќајот кон исток на парквејот „Џеки Робинсон“.
