Неколку стотици демонстранти протестираа во Венеција поради пристигнувањето на луксузната јахта на американскиот амбасадор во Италија и милијардер Тилман Фертита , а протестот накратко се претвори во конфликт со интервентната полиција. Активистите тврдат дека неговата посета е симбол на ароганција и американско влијание.
Фертита пристигна во Венеција со својата суперјахта „Бордвок“, долга 117 метри, која се закотви во базенот на Свети Марко како дел од дипломатската турнеја по повод 250 години од американската независност.
Демонстрантите носеа надувувачки играчки, топки за плажа и транспаренти на кои пишуваше „Venezia non si USA“ („Венеција не е на продажба“). Кога се обидоа да се приближат до јахтата, беа запрени од двоен кордон на полицијата за немири. Иако ги кренаа рацете како знак дека не сакаат конфликт, полицијата ги турна назад со штитови, по што надувувачките играчки полетаа кон полицијата. Насобраните потоа извикаа: – Срам!
Фертита одби да дава интервјуа, но во писмена изјава рече дека го поддржува правото на граѓаните на мирен протест.
„Ги сакам Италијанците. Ние Американците ја почитуваме слободата на говорот и правото на мирен протест. Оваа дипломатска турнеја го слави основањето на нашата земја и токму тие основни права“, рече американскиот амбасадор.
Протестите беа организирани од истите групи што демонстрираа минатата година против свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез во Венеција. Организаторите тврдат дека градот сè повеќе се претвора во дестинација исклучиво за милијардери и луксузен туризам, додека локалното население ги трпи последиците од високите цени и масовниот туризам.
– Ова е уште еден шлаканица за Венеција и нејзините граѓани кои едвај врзуваат крај со крај. Одвратно е да се види ваква јахта во нашата лагуна – рекоа организаторите на протестот.
Тилман Фертита, сопственик на „Фертита Ентертејнмент“ и на НБА тимот Хјустон Рокетс, е именуван за амбасадор на САД во Италија за 2025 година. Неговото богатство се проценува на околу 11,3 милијарди долари. За време на престојот во Италија, тој ги посети Сицилија, Калабрија и Пуља, а се очекува да присуствува и на традиционалниот венецијански фестивал Реденторе.
