Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со својот ирански колега Масуд Пезешкијан во туркменистанското одморалиште Аваза на брегот на Каспиското Море. Двајцата лидери пристигнаа таму на самитот на Заедницата на независни држави (ЗНД), која ги обединува поранешните советски републики.
Путин, според руските агенции, ветил дека Москва ќе направи сè што е во нејзина моќ за да придонесе за решавање на конфликтот на Блискиот Исток. Тој, исто така, оценил дека Иран вложил вистински напори за да ја заврши војната што САД и Израел ја започнаа на 28 февруари.
Рускиот претседател зборуваше и за „позитивната еволуција“ на односите меѓу двете земји. Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија и Иран ја зајакнуваат дипломатската и воената соработка и се повеќе се насочени едни кон други.
Украина и западните земји го обвинуваат Иран дека ја снабдува Русија со беспилотни летала „Шахед“ и ракети со краток дострел за војната во Украина. Русија, од друга страна, е обвинета дека му обезбедува на Иран информации за цели за напади врз американските интереси на Блискиот Исток.
Путин и Пезешкијан последен пат се сретнаа во септември во Киргистан, на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка.
Средбата се случува во време кога преговорите меѓу Техеран и Вашингтон се во ќорсокак. Пежешкијан оваа недела изјави дека разговорите со Американците се бесмислени.
