Германскиот производител на електроника, групацијата „Бош“, најавува инвестиција од милијарди евра во автоматизација и хуманоидна роботика како дел од прилагодувањето кон промените во автомобилскиот сектор.
„Бош ја обликува иднината, на тркала и раце“, рече директорката за дигитализација на компанијата, Тања Рикерт.
Генералниот директор Штефан Хартунг оцени дека појавата на хуманоидни роботи силно ја поттикнува побарувачката за решенија на Бош и ги процени инвестициите во развојот на тој сегмент на „милијарди“, пишува dpa.
Во исто време, Бош нема намера самиот да произведува хуманоидни роботи, туку да им обезбеди „мозок и нервен систем“ на партнерите.
Микроелектромеханичките системи (MEMS сензори), сегмент во кој Bosch веќе е глобален лидер, играат клучна улога бидејќи им овозможуваат на роботите да бидат чувствителни на допир, односно да разликуваат дали некој предмет е кршлив или робустен.
Се проценува дека веќе профитабилниот пазар на MEMS сензори вреди повеќе од 19,2 милијарди долари во 2030 година.
За да се забрза индустријализацијата, групацијата формираше нова единица, „Роберт Бош Роботика“, и ќе ги консолидира активностите на азискиот пазар во нов центар за роботика во Кина.
Гигантскиот концерн развива и партнерства со технолошки стартапи како што е германската Neura robotics, со цел развој на когнитивни роботи.
Бош користи огромна база на податоци од своите повеќе од 230 фабрики низ целиот свет за обука на вештачка интелигенција.
