Темниот интерфејс на паметниот телефон може да ги замори очите, но не го оштетува видот, изјави денес офталмологот и страбизам-хирург од Центарот за офталмологија „Зреније“ во Санкт Петербург, Веста Мајорова.
„Видот се влошува кога има промени во самото око : кај миопија, очното јаболко се издолжува, со возраста леќата станува заматена, додека кај одредени болести се оштетува мрежницата. Бојата на позадината на екранот не ги активира овие процеси. Светлината што ја емитува екранот, вклучувајќи го и синиот дел од спектарот, е исто така премногу слаба за да ја оштети мрежницата“, рече Мајорова, пренесува порталот РИАМО.
Таа изјави дека некои луѓе уживаат во читањето во темен режим, додека на други им е тешко да читаат.
Ако очите ве болат навечер или сликата е заматена, станува збор, како што истакна таа, за привремен замор што поминува по одмор.
Мајорова додаде дека користењето на темниот режим навечер, пред спиење, пред сè овозможува поголема удобност, бидејќи во полутемна просторија, темниот екран помалку заслепува, а очите се помалку напрегнати.
„Мојот совет е едноставен: оставете го телефонот еден или два часа пред спиење. Ако не можете да живеете без него, вклучете го темниот режим, намалете ја осветленоста на ниво каде што текстот може да се чита без напор и оставете ја просторијата затемнета“, рече Мајорова.
