back to top
16.8 C
Skopje
недела, 20 септември , 2026

Европската комисија ja обвини Мета: Деца под 13 години отвориле профили на Фејсбук и Инстаграм без пречки

Други наслови

Европската комисија денес објави дека американската технолошка компанија „Мета“ го прекршила законот на Европската Унија, бидејќи не успеала да им забрани на децата под 13 години да ги користат платформите „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

Според прелиминарните наоди од истрагата, која трае речиси две години, „Мета“ немала доволно ефикасни механизми за проверка на возраста на корисниците, ниту за спречување на малолетници да отвораат сметки, иако внатрешните правила на компанијата пропишуваат минимална возраст од 13 години, се вели во соопштението на Европската комисија.

Комисијата вели дека Мета би можела да биде одговорна за кршење на Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ, кој ги обврзува големите платформи да ги идентификуваат и намалат ризиците за децата на интернет.

Доколку биде прогласена за виновна, компанијата може да биде казнета со парична казна до шест проценти од нејзините годишни глобални приходи, кои во 2025 година изнесуваа околу 201 милијарда долари.

Мета ги отфрли прелиминарните наоди и рече дека веќе користи системи за откривање и отстранување на сметки на корисници под 13 години, велејќи дека проверката на возраста е „предизвик на целата индустрија“.

Истрагата на ЕУ доаѓа во време кога неколку европски земји размислуваат за построги ограничувања за користењето на социјалните мрежи од страна на децата, вклучително и предлози за забрана на пристап за лица под 15 или 16 години.

Европската комисија продолжува со својата истрага, вклучително и проценка на потенцијалните негативни ефекти на алгоритмите врз менталното здравје на младите корисници.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести