Во Демократска Република Конго досега се потврдени 2.011 смртни случаи од ебола.
Вкупно 4.381 пациенти се регистрирани во пет провинции , според најновите податоци од Конгоанскиот институт за јавно здравје, до кои имаше увид Ројтерс. Здравствените власти предупредуваат дека земјата се соочува со епидемија што се шири со најбрзо темпо досега регистрирано во ДР Конго.
Ситуацијата е дополнително комплицирана од доцното откривање на нови случаи, вооружените конфликти и големиот притисок врз здравствениот систем. Поради ова, тешко е да се следат луѓето кои биле во контакт со заразените, како и нивната изолација и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Сегашната епидемија е предизвикана од сојот „Бундибугио“, против кој во моментов не постои одобрена вакцина или специфичен лек.
Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата за вонредна состојба во јавното здравство од меѓународен интерес. Присуството на вирусот беше потврдено и во соседна Уганда. Епидемијата прво беше регистрирана во покраината Итури, додека резултатите од истражувањето објавено минатиот месец во списанието „Science“ укажуваат на можноста преносот на вирусот да започнал уште во јануари.
Ова е 17-та епидемија на ебола регистрирана на територијата на ДР Конго .
Поголем број на заболени и смртни случаи е регистриран само за време на епидемијата во Западна Африка помеѓу 2014 и 2016 година, кога се регистрирани 28.616 случаи и 11.310 смртни случаи во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне. Експертите се особено загрижени за брзината со која се шири вирусот за време на тековната епидемија , според Ројтерс.
За споредба, за време на епидемијата во Конго од 2018-2020 година, беше потребно нешто повеќе од една година за бројот на жртви да достигне 2.000. Во тековната епидемија, истиот број на жртви беше достигнат за помалку од три месеци. Бројот на смртни случаи се дуплираше од 1.000 на 2.000 за помалку од еден месец.
