back to top
14.8 C
Skopje
вторник, 6 октомври , 2026

ЕУ воведува специјални царини за евтини кинески гуми: Колку ќе чинат „Линглонг“, „Сајлун“, „Триангл“ и другите?

Други наслови

По автомобилите, Европската Унија воведе нови специјални тарифи за гуми за патнички автомобили произведени во Кина. Целта на оваа мерка е да се спречи дампинг на цените, а за европските возачи ова би можело да значи повисоки цени за многу популарни гуми од буџетскиот сегмент.

Популарноста на кинеските гуми растеше паралелно со нивните автомобили. Имено, помеѓу 2021 и 2024 година, уделот на кинеските гуми на европскиот пазар се зголеми од 18 проценти на 28 проценти, а приближно 93 милиони од нив беа увезени во 2024 година.

Според податоците од Европската комисија, таа година низ цела ЕУ биле користени околу 336 милиони гуми за патнички автомобили и лесни комерцијални возила. Тарифите се одговор на Брисел во обид да ги заштити домашните компании како што се „Мишелин“, „Пирели“ и „Континентал“.

Откако претходно воведе дополнителни царини за кинески електрични автомобили, ЕУ сега ја применува истата практика и за евтини автомобилски гуми од Кина. Истрагата спроведена од Европската комисија покажа дека многу кинески гуми се продаваат на европскиот пазар по цени пониски од трошоците за производство, што ја нарушува конкуренцијата на пазарот и им нанесува штета на европските производители на гуми.

Износот на царинската давачка зависи од тоа дали производителот соработувал за време на истрагата на Европската комисија. За компаниите што соработувале, давачката е 24,4 проценти, додека гумите произведени во Кина од групацијата „Ханкук“ ќе бидат оптоварени со значително пониска стапка од 4,3 проценти.

Најголем удар ќе го почувствуваат производителите кои не соработувале со европските власти. Меѓу нив е и големата кинеска групација „Шандонг“, под чиј капак работат неколку различни брендови на гуми од истоимената покраина, а ги знаеме како: „Линглонг“, „Сејлун“, „Триангл“, „Санфул“, „Атлас“, „Леао“ и голем број други брендови. Нивните гуми ќе подлежат на царинска давачка од дури 45,3 проценти.

Според извештајот на „Аутомобилвохе“, царините се применуваат на вредноста на увозот на секоја гума, а не на нејзината малопродажна цена. Во 2024 година, просечната вредност на увозот на кинеска гума била 30,30 евра. Затоа, царината од 45,3 проценти додава околу 13,70 евра на таа бројка, додека стапката од 24,4 проценти е приближно 7,40 евра. Со вклучен ДДВ, дополнителниот трошок е некаде помеѓу 9 и 16 евра по гума пред дилерите да ги применат своите маржи, а најмногу ќе го почувствува тоа буџетскиот сегмент.

Сѐ на сѐ, дополнителните давачки тешко дека ќе бидат апсорбирани од увозниците и трговците на мало, па затоа се очекува барем дел од дополнителните трошоци да бидат префрлени на крајните клиенти преку повисоки малопродажни цени. Од друга страна, искуството со дополнителните царински давачки за кинеските електрични автомобили покажува дека тие сè уште не доведоа до пад на нивната продажба на европскиот пазар.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести