Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека земјата чека зелено светло од САД за да го убие новиот врховен лидер на Иран.
„Чекаме зелено светло од Соединетите Американски Држави, пред сè за да ја завршиме елиминацијата на династијата Хаменеи, иницијаторот на планот за уништување на Израел, како и наследникот на раководството на иранскиот терористички режим“, рече тој.
Тој додаде дека желбата на Израел е да го врати Иран во „мрачниот век“ со уништување на клучните енергетски и електрични постројки и „скршење на неговата национална економска инфраструктура“.
Да ве потсетиме дека борбите меѓу Американците и Израелците од едната страна и Иранците од другата страна престанаа на почетокот на април. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно оваа недела објави дека прекинот на огнот се продолжува сè додека Иранците не испратат „унифициран предлог“ за мировен договор. Пред тоа, Иранците одбија да учествуваат во нова рунда преговори со Американците сè додека не ги деблокираат иранските пристаништа.
На првиот ден од оваа војна, тогашниот ирански врховен водач ајатолахот Али Хамнеи беше убиен во американско-израелски напад, како и бројни членови на неговото семејство. Неговиот син, Моџтаба Хамнеи, кој во меѓувреме ја презеде функцијата нов врховен водач, претрпе сериозни повреди во истиот напад, од кои сè уште се опоравува денес.
