Луѓето можеби користеле психоактивни супстанции уште пред 25.000 години, според ново истражување на научници од австралискиот универзитет Грифит, кои пронајдоа докази за консумирање бетелови ореви кај древните жители на индонезискиот остров Сулавеси.
Истражувачите ги проучувале ретките скелетни остатоци од двајца рани ловци-собирачи, од кои едниот живеел пред помеѓу 25.000 и 16.000 години, а другиот пред помеѓу 7.600 и 6.300 години, пренесува Би-Би-Си.
На нивните заби биле забележани необични траги од абење, односно длабоки, заоблени жлебови, за кои научниците веруваат дека се предизвикани од цицање цели бетелови ореви.
Бетеловиот орев, или семето од палма арека катечу, содржи психоактивни супстанции кои можат да предизвикаат блага еуфорија и зголемена будност.
Професорот Адам Брум, кој го водеше истражувањето, процени дека ова би можело да биде „најраниот доказ за употреба на дрога било каде во светот“.
„Иако е слабо познато во западните општества, тоа е четвртата најчесто користена психоактивна супстанца во светот, по алкохолот, кофеинот и никотинот“, рече тој.
Истражувањето, објавено во списанието „Science Advances“, ја доведува во прашање претходната претпоставка дека употребата на психоактивни супстанции започнала дури со развојот на земјоделството и производството на ферментирани алкохолни пијалоци пред околу 13.000 години.
„Со идентификување на древната практика што лежи во основата на џвакањето бетелов орев како што го знаеме, студијата имплицира дека некои современи навики за земање дрога се длабоко вкоренети во традициите на собирање храна“, објаснува Брум.
Научниците преку експерименти утврдиле дека дури и кога само се цицаат цели бетелови ореви, се ослободува доволна количина на психоактивни соединенија што влијаат на функцијата на мозокот.
Истражувачите известуваат дека ефектите од таквата консумација веројатно биле поблаги отколку со современото џвакање бетелови ореви, но дека навиката можеби била доволно интензивна за да предизвика сериозни заболувања на непцата.
Бетеловиот орев сè уште се користи денес во делови од Јужна и Југоисточна Азија, каде што преработените семиња се мешаат со гасена вар и други состојки и се џвакаат.
