Милијардерот Илон Маск, извршен директор на „Тесла Инк.“ и „СпејсИкс“, изјави дека вештачката интелигенција (ВИ) и роботите се единствениот начин да се реши проблемот со националниот долг на Соединетите Американски Држави, објави „Аксиос“ во саботата.
Порталот „Аксиос“ се повикува на интервју што Маск му го дал на својот биограф Волтер Исаксон, пренесува Баха.
Во интервјуто, чија премиера е закажана за вторник, Маск призна дека неговите напори за намалување на владините трошоци преку Одделот за владина ефикасност (DOGE) не ги дале очекуваните резултати. Тој нагласи дека „нема начин“ да се реши буџетскиот дефицит во самата влада.
„Единствениот начин да се реши националниот долг е со помош на вештачка интелигенција и роботи“, рече Маск, додавајќи: „Ние нема да го решиме овој проблем со обиди за штедење“.
Маск, исто така, призна дека поминал премногу време во Белата куќа и рече дека требало порано да се врати во своите компании.
