Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, објави дека имал билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете земји.
Според Мицкоски, на средбата било изразено заемно задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебно почитување, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Тој најави дека фокусот на разговорите е ставен на можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, привлекување нови инвестиции и унапредување на соработката во областите на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната.
Мицкоски го истакна значењето на Турција како важен економски и политички партнер за земјата, подвлекувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива бизнис клима за турски инвестиции и отворање нови работни места.
Од друга страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја потврди поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Северна Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заеднички интерес.
За време на средбата, соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, нагласувајќи ја потребата од стабилност, соработка и економски развој во регионот.
На крајот, двете страни изразија верување дека односите меѓу двете пријателски земји ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во наредниот период.
