Премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Соединетите Американски Држави, вчера имаше средба со бизнис-претставници од воената индустрија на САД, како и со официјални претставници од американската администрација задолжени за оваа област.
„Разговаравме за потенцијални инвестиции, проширување на инвестициските планови и ставање на располагање на расположливите ресурси. Нашата цел е преку сериозни и долгорочни партнерства да отвораме нови можности за инвестиции, технолошки развој и јакнење на домашните капацитети“, вели Мицкоски во објавата на неговиот Фејсбук профил.
Тој додава дека „Македонија има потенцијал, ресурси и стратешка позиција кои можат да бидат основа за продлабочена соработка со Соединетите Американски Држави, во интерес на економскиот развој, безбедноста и стабилноста.
Премиерот во понеделникот се обрати и пред престижниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.
Мицкоски денеска беше на отворање на Генералното собрание на Обединетите нации, каде треба да има свое обраќање.
