back to top
23.8 C
Skopje
недела, 4 октомври , 2026

Модриќ по дебаклот на Хрватска: „За прв пат се чувствувам засрамено, го потрошивме угледот што го стекнавме со годините“

Други наслови

Хрватската репрезентација доживеа еден од најтешките моменти во својата историја. Англија победи со неверојатни 7:0 во третото коло од Лигата на нации на гостувањето кај Рујевица, нанесувајќи ѝ го најтешкиот пораз на Хрватска во историјата.

Капитенот на Хрватска, Лука Модриќ, тешко можеше да најде зборови за да опише што се случи на теренот по натпреварот.

„Тешко е да се најде објаснување за нашиот ваков настап, без дуели, без фаули, без агресија, без единство. Морам да кажам, тука сум 20 години, но ова е прв пат да се чувствувам засрамено по натпревар“, рече Модриќ.

Искусниот играч од средниот ред истакна дека поразот сам по себе не е проблем, но дека начинот на кој Хрватска загуби е нешто сосема друго.

„Можно е да се изгуби, не е проблем. Но, да се изгуби на овој начин и да се расипе репутацијата што ја стекнавме толку тешко сите овие години е навистина неприфатливо. Едноставно, фудбалот не може да се игра вака. Изгледавме како да имаме четири или пет играчи помалку“.

Модриќ рече дека по таков пораз нема време за меѓусебни обвинувања. Хрватска веќе има уште еден натпревар пред себе, во кој, вели тој, ќе мора да покаже сосема поинакво лице.

„Не треба сега да покажуваме со прст еден кон друг и да бараме виновници. Се вративме од тешки ситуации, загубени натпревари со голема разлика, но чувството по ваков натпревар е сосема поинакво. Никогаш не сум имал такво чувство во мојата кариера, откако сум во репрезентацијата“, рече Модриќ, додавајќи:

„Без разлика што, треба да се кренеме, треба да се обединиме и да останеме заедно, бидејќи пред нас е уште еден многу тежок натпревар во Сплит. Треба да го покажеме нашето вистинско лице во овој момент. Да покажеме дека во нас сè уште има пркос, гордост, желба, волја и заедништво. Тоа не може да се изгуби преку ноќ“, додаде хрватскиот капитен.

Модриќ испрати порака и до хрватските навивачи, од кои очекува поддршка на следниот натпревар.

„Се надевам дека навивачите во Сплит ќе бидат со нас, дека ќе нè поддржат и дека ќе нè носат. Се надевам дека ќе им го вратиме тоа на најдобар можен начин. Пред сè, со борбен дух. Мораме да бидеме момци, борци на теренот, она што отсекогаш сме биле. Мислам дека оваа Хрватска може повторно да го врати тоа“, заклучи Модриќ.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести