back to top
2.8 C
Skopje
среда, 7 октомври , 2026

Над 230 лица примиле и социјална помош и пензии, штетата врз буџетот е 236 илјади евра

Други наслови

Државниот завод за ревизија констатира бројни пропусти и неправилности во системот за исплата и контрола на социјалната заштита. Ревизијата го опфати периодот 2022 – јуни 2025 година, при што беше утврдено дека процедурите не се усогласени со законската регулатива и дека постојат пропусти во контролите, документацијата и размената на податоци меѓу институциите.

„Поради слабостите во системските контроли и официјалната размена на податоци за 2024 година, ревизорите открија 235 корисници кои истовремено примале и социјална помош и пензија, со што без никаква основа се исплатени 14,5 милиони денари или 236 илјади евра, од кои: 10,7 милиони денари за 190 корисници врз основа на социјална помош, 426 илјади денари врз основа на доживотна помош за 5 корисници и 3,3 милиони денари врз основа на право на социјално осигурување за стари лица до 40 корисници“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Тие исто така посочуваат недоволна контрола од страна на центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнења во процедурите и неефикасно следење на враќањето на неоснованите плаќања. Тие предупредуваат дека ваквите ситуации претставуваат ризик од нерационално трошење на јавните средства и ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита.

„Ревизорите утврдија дека Меѓуопштинскиот социјален центар и Агенцијата за вработување не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за обработка и следење на индивидуалните планови за активирање на невработените корисници на социјална помош. Плановите се обработуваат во ограничен обем, почесто рачно отколку електронски, без функционална соработка, координатори и редовни состаноци меѓу институциите“, додава понатаму ДЗР.

За надминување на истакнатите слабости, ДЗР предлага подобрување на законската рамка, контролите и координацијата меѓу институциите.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести