Затвореник од еден од најозлогласените затвори со висок степен на обезбедување во Велика Британија, HMP Манчестер, успеал да им избега на чуварите за време на болничкиот третман користејќи течен сапун, пишува британски Гардијан.
Инцидентот се случил во петокот вечерта кога двајца затворски службеници спровеле 36-годишен притвореник од категорија Б во локална болница на преглед.
Иако бил во лисици и врзан за еден од полицајците, затвореникот ја искористил можноста да оди во тоалет за да си ја насапуни раката, ја извадил од металните лисици и избегал.
Полицијата на Голем Манчестер била известена непосредно пред 20:30 часот, по што била започната голема потрага во која биле вклучени специјализирани екипи. Бегалецот бил пронајден следниот ден наутро околу 9:30 часот, а по кратка брканица, повторно бил уапсен и вратен во притвор.
Според строгите протоколи за придружба на затвореници од категорија Б, тие обично носат „двојни лисици“. Меѓутоа, во ситуации што бараат приватност, како што се одење во тоалет или туширање, правилата дозволуваат преминување на единечни лисици поврзани со ланец долг над еден метар, така што чуварот може да остане надвор од кабината.
36-годишникот ја користел токму оваа постапка за да избега.
Министерството за правда започна внатрешна истрага за да утврди дали биле почитувани сите безбедносни процедури и дали затвореникот бил правилно приведен. Затворската служба соопшти дека секој затвореник кој ќе избега од законски притвор се соочува со дополнителна затворска казна.
Овој случај повторно го отвори прашањето за безбедноста за време на медицинската придружба, со оглед на тоа што ова е второ вакво бегство во Манчестер оваа година.
Марк Ферхерст, претседател на Синдикатот на затворски чувари (POA), побара итна промена на правилата.
„Овој инцидент ги истакнува ризиците со кои се соочуваат полицајците при придружба на затвореници. Треба да има најмалку тројца полицајци на секој преглед во болницата, наместо сегашните двајца“, рече Ферхерст.
