Поројниот дожд и силниот ветер предизвикаа хаос во главниот град, а пријавени се и поплавени домови, оштетени возила и прекини во сообраќајот.
Силното невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и локално град попладнево предизвика сериозни проблеми во Скопје и во повеќе градови низ државата. Поплавени улици и подвозници, паднати дрвја, заглавени автомобили и оштетен имот се само дел од последиците што ги остави невремето.
Едно од поголемите дрвја падна на булеварот „Св. Климент Охридски“, при што беше отежнат сообраќајот. Во повеќе делови од градот улиците се претворија во реки, а возилата едвај се движеа низ надојдената вода. Најкритична беше состојбата кај неколку подвозници, каде што имаше заглавени автомобили.

До надлежните служби пристигнале бројни пријави за поплавени куќи, дворови, подруми и возила, а невремето предизвикало проблеми и во други градови низ Македонија. Екипите на службите за итни интервенции се на терен и работат на расчистување на последиците.
Поради сериозноста на ситуацијата, Градот Скопје го активираше Кризниот штаб, кој е во постојана координација со Центарот за управување со кризи, МВР, противпожарните служби и другите надлежни институции. Од таму апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење низ поплавените улици и да ги следат препораките на надлежните.

Според метеоролозите, нестабилното време може да продолжи и во текот на вечерните часови, па се препорачува дополнителна претпазливост.