Еврокомесарот за проширување Марта Кос потврди дека Србија нема да добие финансиски средства од Планот за раст додека се на сила контроверзните судски закони.
„Засега ги запревме сите исплати од Планот за раст бидејќи Србија назадуваше во областа на правдата и додека не го поправи тоа, нема да може да добие финансиска поддршка од ЕУ“, рече комесарот Кос во петокот, говорејќи на Универзитетот во Фриборг во Швајцарија.
Изјавата доаѓа откако српскиот парламент усвои судски реформи без консултации со обвинителите, судиите, Европската унија или други експертски тела за ова прашање.
Спорните, таканаречени „Мрдиќеви закони“, за Европската Унија, претставуваат чекор назад во процесот на интеграција на Србија кон ЕУ. Кос претходно во неколку наврати предупреди дека овие закони ја ограничуваат независноста на судството.
Овие реформи им даваат поголеми овластувања на претседателите на судовите над судиите и ги укинуваат гаранциите што ја обезбедуваат независноста на обвинителите.
Србија останува близок сојузник на Кремљ и една од ретките европски земји што не воведоа санкции против Русија по инвазијата на Украина.
„Не можеш да бидеш со една нога во два табора“, заклучи Кос.
Сепак, од Србија доаѓаат различни информации.
Српскиот министер за европски интеграции Немања Старовиќ изјави дека не очекуваат блокирање на европските фондови, туку продолжување на редовна евалуација на резултатите од реформите.
Тој за РТС изјави дека различните толкувања во јавноста се резултат на нецелосни информации и дека официјалното толкување на Брисел е различно од поединечните изјави.
„ЕК многу јасно кажува дека не станува збор за какво било замрзнување или блокирање на финансиските средства, туку дека постои континуирана проценка на исполнувањето на критериумите за исплата на средствата“, изјави Старовиќ за РТС.
Се очекува Белград целосно да ги спроведе препораките на Венецијанската комисија поврзани со спорните судски закони, за кои српскиот министер изјави дека целосно ќе се придржува.
