Шеснаесетгодишникот кој вчера нападна ученици со нож во средно училиште во баварскиот град Шонгау е хрватски државјанин, потврди баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман.
„Осомничениот има хрватско државјанство и живеел со своите родители“, рече Херман.
Министерот, исто така, изјави дека осомничениот претходно бил на психијатриски третман, но не ги потврди наводите дека бил поранешен ученик во средното училиште во Шонгау, каде што се случил нападот.
Според досегашните информации, две тринаесетгодишни девојчиња се тешко повредени во нападот со нож. Сè уште не е познато дали осомничените и жртвите биле во некаков вид врска.
„Постојат индикации дека осомничениот претходно привлекувал внимание со закани за насилство“, рече Херман.
По нападот, 16-годишниот осомничен бил брзо уапсен. Покрај ножот, кај него бил пронајден и пиштол.
Полицијата добила пријава за нападот вчера околу 12:50 часот, по што сите расположиви сили биле испратени во училиштето југозападно од Минхен. Инцидентот се случил за време на редовната настава.
Според германските медиуми, девојките претрпеле убодни рани, но и покрај сериозноста на повредите, нивните животи не се во опасност.
Мотивот за нападот засега е непознат. Сторителот накратко избегал од местото на настанот по нападот, но набрзо бил уапсен. Во потрагата учествувал и полициски хеликоптер.
„Според досегашните информации, претпоставуваме дека станува збор за еден сторител. Нема индикации дека во настанот учествувало повеќе од едно лице“, објави полицијата на Јужна Горна Баварија преку социјалната мрежа X.
Истражителите утврдуваат дали осомничениот е сегашен или поранешен ученик во средното училиште Шонгау.
