Заменик-министерот за надворешни работи на Иран задолжен за правни и меѓународни работи, Казем Карибабади, изјави дека Техеран ги суспендирал своите обврски од Меморандумот за разбирање потпишан со Соединетите Американски Држави.
Како што објави иранската агенција Фарс, Карибабади изјави дека одлуката за повлекување е донесена по американските напади врз Иран.
„Преговаравме. За жал, токму Американците презедоа овие агресивни потези, со што ги прекршија сопствените обврски. Како резултат на тоа, ги суспендиравме сите наши обврски и повеќе не ги спроведуваме“, рече тој.
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, исто така се огласи, велејќи во писмена изјава дека повторените кршења на договорот од страна на САД покажуваат дека потписот на претседателот Доналд Трамп е „тотално безвреден и лишен од кредибилитет“.
Според Ројтерс, Хамнеи рекол дека САД треба да знаат дека иранскиот народ и „фронтот на отпорот“ имаат „незаборавни лекции“ за нив.
Меморандумот за разбирање меѓу двете страни стави крај на неколкунеделниот конфликт и го отвори патот за детални преговори, но, според Техеран, тој пропадна поради повторените американски прекршувања на привремениот договор од 14 точки.
Иран тврди дека од потпишувањето на Меморандумот во средината на јуни, документирал десетици сериозни прекршувања на договорот од страна на САД, вклучувајќи го и прекршувањето на иранските аранжмани во Ормутскиот теснец, континуирани закани за воени напади, напади врз јужен Иран, повторно воведување санкции врз извозот на нафта и континуирани израелски напади врз Либан.
САД наведуваат дека нападите започнале откако Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) извршила повеќекратни напади со беспилотни летала врз бродови што минувале низ Ормускиот теснец.
Во последните неколку дена, регионот е обележан со континуирани напади од страна на американските сили врз Иран и одговорот на Техеран со напади врз американските бази во блиските земји на Блискиот Исток.
