Раководството на англиската Премиер лига издаде официјално соопштение откако голот на Ерлинг Халанд во дербито на Манчестер Сити предизвика бурни реакции и жестока дебата меѓу навивачите.
Напаѓачот на Манчестер Сити ја затресе мрежата во 60-тата минута од натпреварот, со што му донесе водство на својот тим. Голот првично беше поништен на теренот поради офсајд, но по проверката на ВАР, таа одлука беше поништена и голот беше примен.
Овој исход предизвика негодување кај дел од јавноста кои се убедени дека правилото за офсајд не било правилно применето, поради што Премиер лигата издаде појаснување:
„VAR ја провери одлуката на судијата од теренот и утврди дека Халанд бил во легална позиција и препорача голот да биде примен. Исто така, VAR процени дека Фернандез, иако бил во офсајд позиција, не ја играл топката ниту влијаел на играта.“
Според важечките правила на Премиер лигата, играч во офсајд позиција ќе биде санкциониран ако активно го спречи противникот да игра или ја негира можноста за играње со топката со попречување на видното поле, се вклучи во дуел за топката со противникот или направи очигледен потег што директно влијае на способноста на противникот да реагира.
Во овој случај, судиите во ВАР просторијата проценија дека немало такво влијание.
Инаку, исклучително напнатото дерби на Манчестер беше полно со контроверзии и пред овој момент, со оглед на тоа што Манчестер Сити остана со играч помалку во првото полувреме откако Фил Фоден доби црвен картон, а на крајот Граѓаните славеа со резултат од 1:0.
