Нова рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина започнува денес во Абу Даби , со посредство на Соединетите Американски Држави. Разговорите ќе траат два дена, на 10 и 11 ноември, а главни теми ќе бидат безбедносните гаранции и можностите за завршување на војната. Ова се првите вакви трилатерални преговори од февруари.
Европската Унија потврди дека нејзини претставници ќе патуваат и во Абу Даби, заедно со претставници од Франција, Германија и Обединетото Кралство. Сепак, Русија се противи на нивното учество на главната преговарачка маса, па засега не е јасно дали европските претставници ќе разговараат директно со руската делегација.
Кремљ: Европејците нема да влезат во преговарачката сала
Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, експлицитно ја отфрли можноста европски претставници да се приклучат на преговорите меѓу Русија, Украина и САД.
„Никој нема да ги покани на преговарачка маса“, рече Ушаков, додавајќи дека на европските претставници нема да им биде дозволено да влезат во просторијата каде што се водат преговорите, дури и ако пристигнат во Абу Даби.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера повтори дека Москва не очекува европско учество во оваа фаза. Според него, Американците и Украинците имаат свои канали на комуникација со европските партнери и веројатно ќе воспостават посебен механизам за координација.
Сепак, Песков призна дека Европејците ќе мора да бидат вклучени во преговорите во подоцнежна фаза, бидејќи се дискутира и за идниот безбедносен поредок на целиот континент.
ЕУ го потврди пристигнувањето на своите претставници
Од друга страна, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека Европската Унија ќе биде присутна во Абу Даби.
„ЕУ ќе биде присутна заедно со нашите партнери“, рече таа по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според „Еуроњуз“, Европската комисија и Европскиот совет испраќаат заедничка делегација од високи функционери. Ќе ја предводат Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на Урсула фон дер Лајен, и Ана-Марија Бура, главен советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Претставници на Франција, Германија и Обединетото Кралство ќе бидат исто така во Абу Даби, а „Киев Индепендент“ наведува дека ќе учествуваат и претставници на НАТО.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро вчера за Ројтерс го потврди пристигнувањето на европските претставници.
„Европејците ќе бидат добро претставени. Франција ќе биде во Абу Даби и ќе учествува“, рече Баро.
Сепак, присуството на европски претставници не значи автоматски дека тие ќе седнат на иста маса со руските преговарачи. Според досегашните информации, тие би можеле да учествуваат во одделни консултации со Американците и Украинците, додека можноста за директна средба со руската делегација останува отворена.
Кој ќе преговара?
Руската делегација ќе ја предводи Владимир Медински, близок соработник на претседателот Владимир Путин и поранешен министер за култура, кој учествуваше и во претходните мировни преговори.
Во руската делегација ќе бидат и заменик-министрите за надворешни работи Сергеј Рјабков и Михаил Галузин, началникот на военото разузнавање Игор Костјуков, како и високи функционери на Генералштабот на руската армија.
Украинската делегација ќе ја предводи Рустем Умеров, шеф на службата за надворешно разузнавање. Во неа се и шефот на кабинетот на украинскиот претседател Кирил Буданов, неговиот заменик Сергеј Кислица, началникот на Генералштабот Андриј Хнатов и Давид Арахамија, лидер на пратеничката група „Слуга на народот“ на Зеленски.
Соединетите Американски Држави ќе бидат претставени од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Главниот проблем е територијата и безбедносните гаранции
И покрај продолжувањето на преговорите, позициите на Москва и Киев се уште се многу оддалечени.
Путин бара Украина да ги повлече своите сили од четири региони што Русија ги смета за своја територија, иако никогаш не ги окупирала целосно. Тој, исто така, сака Украина да се откаже од членството во НАТО, како и да прифати ограничувања на големината и капацитетите на своите вооружени сили.
Зеленски ја отфрла можноста за доброволно отстапување на територии што Русија не успеа да ги освои, како и ограничувања што би ја ослабнале способноста на Украина да се брани од идни напади.
Украина бара итен прекин на огнот како прв чекор кон сеопфатен мировен договор, додека Москва инсистира на постигнување поширок договор пред да престанат борбите.
Централното прашање на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции што треба да спречат избувнување на нова војна.
Зеленски бара гаранции од западните сојузници споредливи со Член 5 од НАТО, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз сите. Клучното прашање е што би направиле САД и европските земји во случај на нова руска инвазија.
Русија, од друга страна, бара безбедносни гаранции и за себе и ја отфрла можноста за распоредување европски воени сили во Украина по евентуален мировен договор.
Трамп тврди дека договорот е блиску
Во последните денови, американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам дека војната наскоро би можела да заврши.
Во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес, тој рече дека Москва и Киев се многу блиску до договор и наговести дека Украина би можела да има различни граници по мировниот договор.
Трамп, исто така, ја најави можноста за поширок договор што би ја вклучил не само Украина, туку и идниот безбедносен поредок на Европа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио појасни дека е постигнат одреден напредок во разговорите за повоените безбедносни гаранции, но нагласи дека сè уште не е постигната конечна согласност за ништо.
Преговорите продолжуваат, додека жестоките напади продолжуваат
Претходните преговори меѓу Русија, Украина и САД во февруари не донесоа видлив напредок кон завршување на војната. Новата рунда се одржува додека борбите продолжуваат по должината на фронтот долг приближно 1.200 километри.
Русија ги засили нападите врз енергетската инфраструктура на Украина во последните недели, обидувајќи се дополнително да го комплицира снабдувањето со електрична енергија пред зимата.
Минатиот месец беше постигнат одреден напредок, кога со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, беше договорено краткорочно локално примирје во областа на окупираниот град Олешки на југот на Украина. Тоа овозможи евакуација на дел од населението и испорака на хуманитарна помош.
Сепак, таков ограничен договор не доведе до поширок прекин на огнот. Претстојните преговори треба да покажат дали има простор за конвергенција по прашањата што досега го спречуваа постигнувањето мир.
