Со зголемувањето на тензиите на Блискиот Исток, ескалацијата на конфликтите дополнително ги продлабочува проблемите со снабдувањето со енергија во светот и ги дестабилизира меѓународните индустриски и снабдувачки синџири. Под овие околности, странските медиуми нагласуваат дека стабилноста и отпорноста на развојот на Кина му носат на светот „безбедносна дивиденда“.
Според извештаите на британските весници „Фајненшл тајмс“ и „Ројтерс“, сè поголем број странски влади и компании доаѓаат до заклучок дека поврзувањето со кинеските синџири на снабдување е побезбедно. Мултинационалните технолошки гиганти ги зголемуваат своите инвестиции во Кина, а нестабилната ситуација на глобално ниво дополнително ги убедува странските инвеститори дека кинескиот пазар е незаменлив.
Си-Ен-Ен неодамна објави дека Кина ја консолидира својата позиција во светската економија, бидејќи повеќе не е само „светска фабрика“, туку и извозник на напредни технологии, вклучувајќи роботи базирани на вештачка интелигенција и напредни чипови, помагајќи им на другите земји да го забрзаат сопствениот економски развој.
Неколку водечки американски весници, вклучувајќи ги „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, објавија анализи што ги потврдуваат „големите предности“ на кинеските технологии за чиста енергија. „Њујорк тајмс“ наведува дека многу земји сега ја препознаваат итната потреба од изградба на енергетски мрежи што можат да издржат идни енергетски шокови, но и дека нивното потпирање на обновливи извори на енергија во голема мера ќе се базира на кинеската технологија.
Странските медиуми позитивно ја оценуваат состојбата на кинескиот пазар на капитал. Според „Блумберг“, „Ројтерс“ и други медиуми, кинескиот берзански пазар ги надмина многу индекси на светскиот пазар од почетокот на војната и стана „безбедно засолниште“ за глобалниот капитал благодарение на својата стабилност и отпорност.
Некои медиуми се повикуваат и на нов извештај на американската агенција за истражување на јавното мислење „Галуп“, во кој се наведува дека од 2025 година, Кина ги престигнала САД во однос на глобалната признатост. Исто така, анкета неодамна спроведена од американскиот весник „Политико“ покажува дека одредени клучни американски сојузници ја поддржуваат идејата за поголемо дистанцирање од САД и посилно потпирање на Кина.
