Опозициската партија на СДСМ го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ангажирал приватна странска разузнавачка компанија за следење на опозицијата и, како што велат, за измислување скандали.
Во соопштението се вели дека станува збор за „Блек Кјуб“, приватна израелска разузнавачка компанија, којашто СДСМ ја опишува како „приватен Мосад“, позната по „мониторинг, собирање информации, провокации и измислување скандали против политички цели“.
„Мицкоски и неговата група ја ангажирале оваа компанија за следење на функционерите на СДСМ, особено претседателот Венко Филипче“, се вели во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека екипа од „Блел кјуб“ неодамна престојувала во Скопско и одржувала состаноци во хотел, на кои, како што истакнуваат, присуствувал и бизнисмен близок до ВМРО-ДПМНЕ, кој требало да го финансира ангажманот.
Опозициската партија проценува дека целта е „да се следи опозицијата, да се собираат информации и да се измислуваат скандали за да се дискредитира СДСМ“.
Во изјавата се прави споредба и со Унгарија, наведувајќи дека вакви методи претходно користел Виктор Орбан, а се споменуваат и сомнителни активности поврзани со изборите во други земји.
„Ова не е случајност. Ова е класичен автократски модел: кога законските инструменти не функционираат, се ангажираат приватни разузнавачки агенции за да создадат лажни скандали и да ја заплашат опозицијата“, изјавува СДСМ.
Во одговорот се додава дека, и покрај овие обвинувања, партијата ќе продолжи да инсистира „на вистината, на независно судство и на европскиот пат на Македонија“.
