Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека пред неколку дена спречила атентат врз висок руски функционер, односно експлозија што требало да се изврши на гробот на неговите најблиски на московските гробишта со помош на видеокамера скриена во вазна со цвеќе.
Руските медиуми сега објавија дека цел на нападот бил главниот советник на Путин за руска безбедност и поранешен министер за одбрана Сергеј Шојгу.
– Федералната служба за безбедност спречи терористички чин планиран од специјалните служби на Украина против еден од највисоките функционери на руската држава кога тој го посети погребното место на блиски роднини на гробиштата Троекуровски – соопшти ФСБ, без да го именува функционерот.
Уапсени се вкупно три лица, сопружници од Русија и еден мигрант од Централна Азија.
Според ФСБ, украинските безбедносни служби регрутирале нелегален мигрант од Централна Азија, двајца претходно осудени руски наркомани приведени во Москва и Шамса Јалолидин Курбановиќ , родена во 1979 година и со живеалиште во Киев, која е барана во Русија за убиство и нелегална трговија со оружје.
ФСБ соопшти дека комуникациските уреди запленети од осомничените содржеле преписка со украински офицер на специјалните служби преку „Вокап“ и „Сигнал“.
ФСБ, исто така, извести за откривање на камера за надзор во вазна за цвеќе, опремена со далечински управувач, која требало да се користи во нападот.
– Според податоците на ФСБ, украинскиот режим, дејствувајќи под водство на западните специјални служби, подготвува слични злосторства во други руски региони – забележа ФСБ.
Тој предупреди дека „украинските специјални служби продолжуваат активно да бараат потенцијални сторители на терористички напади и саботажи преку интернет, вклучувајќи ги социјалните мрежи и платформите за пораки како што се Телеграм и Вокап“.
