Денеска беше одржана средба со делегација на Сенатот на Француската Република, предводена од Марта де Сидрак, претседателка на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан. Во состав на француската делегација беа и сенаторите Арно Базен, Ален Милон и Лоранс Арибе, советникот Гијом Рендино, како и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер.

На средбата беше поздравена посетата на француските сенатори, како и активниот ангажман на Групата за парламентарно пријателство Франција–Западен Балкан во поддршката на земјите од регионот на нивниот пат кон Европската Унија.
Во разговорот посебно беше истакнат долгогодишниот европски интегративен процес на Северна Македонија, кој беше оценет како неприродно и нелогично долг.

„Македонскиот пат кон Брисел, наместо да се движи по Копенхашките критериуми и преку исполнување на реформските стандарди, во изминатиот период се соочуваше со дополнителни препреки и услови од идентитетска, наместо од реформска природа“, беше посочено на средбата.
Во тој контекст беше потсетено и на оценките на релевантни европски институции во однос на заштитата на човековите и малцинските права во земјава.
Беше нагласено дека уште во 1992 година Бадентеровата комисија позитивно ја оценила уставната усогласеност на тогашната Република Македонија со Европската конвенција за човекови права и со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата.
Исто така, беше посочено и Мислењето на Венецијанската комисија од 2022 година, во кое, во однос на Законот за употреба на јазиците, се констатира дека одредени аспекти на заштитата на малцинските права во земјава се поставени на ниво кое ги надминува европските стандарди.
Средбата со француската делегација беше можност да се разговара и за значењето на парламентарната дипломатија и за потребата од понатамошна поддршка од страна на европските партнери за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија.

Франција, како една од клучните земји членки на ЕУ, преку своите институции и парламентарни структури има значајна улога во европскиот дијалог со земјите од регионот, а ваквите средби претставуваат можност за директна размена на ставови за европската перспектива на Северна Македонија и Западен Балкан.
