Бактерискиот токсин произведен од бактеријата Escherichia coli е главниот фактор што се припишува на зголемувањето на случаите на рак на дебелото црево кај луѓе под 50 години, велат научниците во нова студија.
Научниците пред Комитетот на британскиот парламент го презентираа тврдењето дека изложеноста на колибактин на рана возраст може да биде причина за колоректален карцином што се јавува на помлада возраст, објави „Гардијан“.
Бројот на случаи на рак на дебелото црево што се јавуваат на помлада возраст се дуплирал во многу земји во текот на изминатите две децении. Иако зголемените стапки на дебелина и намалената физичка активност придонесуваат за овој феномен, истражувачите веруваат дека мора да постојат и други фактори кои играат улога.
Молекуларниот епидемиолог од Универзитетот во Оксфорд, Карл Смит-Бирн, изјави пред Комитетот за наука и технологија дека познатите фактори на ризик за колоректален карцином, како што се дебелината, пушењето и консумирањето алкохол , можат да објаснат само околу половина од случаите што ги дијагностицираат лекарите.
Тој изјави дека не го смета за „убедливо“ тоа што зголемувањето на бројот на случаи на рак на дебелото црево кај помладите луѓе може целосно да се објасни со фактори на ризик кои веќе им се познати на истражувачите.
Минатата година, научниците идентификуваа токсин наречен колибактин, произведен од одредени соеви на бактерии Escherichia coli во цревата, како можна причина за колоректален карцином кај помладите луѓе.
Според извештаите, карактеристичните мутации предизвикани од овој токсин биле три пати почести кај тумори на луѓе помлади од 40 години, во споредба со тумори на луѓе постари од 70 години.
Потребни се повеќе истражувања за да се утврди дали колибактинот всушност предизвикува рак на дебелото црево, но научниците моментално активно го проучуваат ова прашање.
„Тоа е главното објаснување во моментов“, им рече Смит-Бирн на пратениците.
Ракот на дебелото црево е трет најчест облик на рак во светот и сочинува околу една десетина од сите случаи. Иако болеста е сè уште значително почеста кај луѓето над 50 години, глобалните податоци покажуваат дека бројот на дијагнози кај помладите луѓе нагло расте.
Епидемиологот Хелен Колман, специјализирана за онкологија на Универзитетот Квинс во Белфаст, им рече на пратениците дека колибактинот е првата нова индикација по долго време, но истакна дека неговата потенцијална улога во ракот на дебелото црево сè уште се истражува.
