Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе престанат да му даваат на Израел околу четири милијарди долари годишно до крајот на оваа година и дека за тоа се договорил со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп го изјави ова во емисијата „Фокс енд Френдс“ на Фокс њуз во вторник наутро, на денот на изборите за Конгресот во САД.
„Им дававме четири милијарди долари, сè уште им даваме, но тоа престанува на крајот од годината“, рече Трамп. Тој ја опиша помошта како комбинација од опрема и пари.
Кога го прашале зошто, тој одговорил дека на Израел повеќе не му е потребна таа помош. „Израел е земја која напредува многу добро“, рекол тој.
Трамп тврди дека со години разговарал со Нетанјаху за прекинувањето на помошта и дека идејата дошла од израелскиот премиер. Нетанјаху претходно изјави дека сака да ја намали зависноста на Израел од американската воена помош, според „Фокс њуз“.
Според сегашниот меморандум за разбирање, САД му даваат на Израел околу 3,8 милијарди долари воена помош годишно, а договорот важи до 2028 година. Трамп не појасни како ќе биде прекината помошта пред да истече договорот.
